
За мене
Јас сум д-р Бојана Поповска, специјалист по нефрологија.
Во текот на работата со пациенти сфатив дека со поставена дијагноза и препишана терапија, мојата работа како доктор не е завршена.
Во темелите на лекувањето на најчестите бубрежни болести, уште пред терапијата, стојат препораките за исхрана и промени во животниот стил. А советите, според она што дотогаш го знаев, најчесто се сведуваа на листа на забранета храна.
Сфатив дека така само дополнително го преоптоварувам пациентот — и тој не си оди дома само со нова дијагноза, туку и со страв од храната што се нашла на листата на забрани.
Потребата да понудам покомплетен пристап ме насочи кон дополнителна едукација во областа на бубрежната исхрана. Денес сум сертифициран ренален диететичар, а професионалното усовршување во нефрологијата го продолжувам и преку едукативните програми на European Renal Association (ERA).
Бубрежната болест е динамична, а потребите за промени во исхраната не се исти во секоја фаза од болеста. Затоа верувам во пристап приспособен на конкретниот пациент — неговата бубрежна функција, лабораториските резултати, останатите здравствени состојби и животниот стил, но и социјалните и економските фактори.
Нефрологика ја создадов со идеја пациентот да ја разбере својата состојба и да знае што може да направи за своето здравје — со јасни, индивидуални и применливи насоки, а не со уште една листа на забрани.